Ноќта кога Дражен и Оскар Шмит станаа бесмртни – сѐ уште се говори за овој епски меч (ВИДЕО)

Смртта на Оскар Шмит не е само збогување со уште една спортска легенда, туку крај на една ера во кошарката.

Бразилецот ќе остане запаметен како еден од најголемите стрелци во историјата, но и како човекот кој заедно со Дражен Петровиќ одигра дел од најлегендарните натпревари што ги памети европската кошарка. Тој беше многу повеќе од кошаркар – тој беше симбол на лојалност, фанатична посветеност и безусловна љубов кон репрезентацијата на Бразил. Токму поради тоа, неговото заминување одекна далеку надвор од границите на неговата татковина.

Иако важи за еден од најголемите поентери во историјата, Оскар Шмит никогаш не заигра во НБА, ниту пак ја избра патеката на европските гиганти. Наместо тоа, кариерата ја градеше во клубови како Касерта, Павија и Валјадолид, каде што имаше целосна слобода да го изрази својот офанзивен гениј. Неговиот легендарен прекар „Мао Санта“ („Света рака“) не беше плод на случајност, туку резултат на илјадници часови работа.

„Секој ден шутирав повеќе од илјада топки од сите позиции. Нема ништо ‘свето’ – тоа е само совршено извежбана рака“, велеше Шмит.

Бројките што ги остави зад себе се речиси неверојатни. Кариерата ја заврши со 49.737 поени, повеќе од Карим Абдул-Џабар, а подоцна беше надминат само од Леброн Џејмс. Тој е и најдобар стрелец во историјата на Олимписките игри со 1.093 поени, како и на светските првенства со 843 поени, а настапи на пет Олимпијади, трипати завршувајќи како најдобар стрелец. Во Сеул 1988 имаше неверојатни 42,3 поени по натпревар. Една од најпознатите приказни за неговата доминација ја раскажа Дино Раџа, кој се потсети како Шмит сам постигнал повеќе од 50 поени против неговиот тим, оставајќи ги сите во шок.

Шмит беше гениј во нападот, но и играч со уникатна филозофија – одбраната едноставно не беше дел од неговиот свет. „Светата рака не смее да се заморува со одбрана“, знаеше да каже. Неговата кошаркарска филозофија најдобро ја објасни со една едноставна споредба.

„Тоа е како во музиката – некои свират клавир, а други го носат“.

Ако постои еден натпревар што најдобро покажува кој беше Оскар Шмит, тогаш тоа е финалето на Купот на победниците на куповите во 1989 година. Во Пиреја се судрија Реал Мадрид и Снајдеро Касерта, но уште повеќе – се судрија двајца кошаркарски генијалци, Шмит и Дражен Петровиќ. Во спектаклот пред 12.000 гледачи, Реал победи со 117-113 по продолжение, а Петровиќ одигра натпревар за вечност со 62 поени. На другата страна, Шмит постигна 44 и уште еднаш покажа зошто беше незапирлив. Тој натпревар и денес се смета за еден од најдобрите во историјата на европската клупска кошарка – симбол на време кога најголемите мајстори играа без калкулации.

Иако не беше типична ѕвезда, Шмит беше обожаван од сите – соиграчи, навивачи, па дури и ривали. Легенди како Чарлс Баркли и Лери Бирд отворено зборуваа за восхитот кон него, а токму Бирд го воведе во Куќата на славните во 2013 година. Канадскиот тренер Стив Кончалски еднаш изјави: „Никој никогаш не шутирaше како Оскар. Неговото влијание стигна и до новите генерации – во Италија беше идол на младиот Коби Брајант, кој растел гледајќи го бразилскиот мајстор.

Со заминувањето на Оскар Шмит, кошарката изгуби уникатен уметник, но неговото наследство – ќе живее засекогаш.