Орландо и Феникс се последните патници во плејофот – Стеф Кари го скрши кошот (ВИДЕО)

Кошаркарите на Орландо Меџик и на Феникс санс се последните патници во плејофот на НБА, откако славеа во клучните плеј-ин натпревари против Шарлот Хорнетс (121-90) односно Голден стејт вориорс (111-96).

„Магичните“ без поголема неизвесност ја завршија работата против незгодните сезонава „стршени“ и изборија дуел со Филаделфија севентисиксерс во првото коло од разигрувањето. Лидер кај тимот од Флорида беше Паоло Банкеро со 26 поени, додека значаен придонес дадоа и Франц Вагнер со 18 и Вендел Картер со 16 поени. Кај Шарлот, единствено расположен беше Ламело Бол со 23 поени.

Сигурни во својот настап беа и „сонцата“ од Аризона, кои, пак, обезбедија пресметка со Портланд треилблејзерс во првата рунда на Западот. Најефикасен кај Феникс беше Џелен Грин со 36 поени, додека Девин Букер додаде 20. Одлична поддршка имаа и од Џордан Годвин (19), Дилон Брукс (13) и Осо Оходаро (10 поени). Кај „воините“, Стеф Кари постигна 17 поени, но имаше ужасно лош шут од поле (4/16), што се покажа како клучен фактор за елиминацијата на неговиот тим.