Некој сака да заработи: Член од историската сезона на Сити продава медали!
Манчестер сити таа сезона ја освои титулата во Премиер лигата, ФА Купот и Лигата на шампионите, а дополнително ги освои и УЕФА Суперкупот и Светското клупско првенство, па се очекува колекцијата да достигне цена од околу 80.000 фунти.
Водечката аукциска куќа „Бедс“ соопшти дека става на продажба сет од пет медали од историската сезона на Сити, а аукцијата ќе биде дел од настанот „Made in Manchester Live“ што ќе се одржи на 28 април.
Почетната цена е поставена на 30.000 фунти, но во аукциската куќа веруваат дека нема да биде продадена за помалку од 80.000 фунти. Оттаму нагласуваат дека станува збор за официјален комплет медали.
„Оваа извонредна колекција на медали претставува ретка можност за колекционери, навивачи и сериозни инвеститори во фудбалската историја да се натпреваруваат за медали од историската сезона на Манчестер сити. Многу сме возбудени што токму ние ја организираме продажбата и очекуваме голем интерес“, наведоа од аукциската куќа.
Во колекцијата се вклучени медали за освојување на Премиер лигата, ФА Купот, Лигата на шампионите, УЕФА Суперкупот и ФИФА Светското клупско првенство.