Њукасл реши да го продаде својот голгетер, ако некој ја плати лудата отштета!

Напаѓачот на Њукасл, Ентони Гордон, би можел да го напушти клубот ова лето, пренесуваат англиските медиуми, откако сериозен интерес покажуваат Баерн Минхен и Арсенал, а во трката може да се вклучи и Ливерпул.

Гордон сака да ја реши својата иднина пред почетокот на СП 2026, додека раководството на Њукасл е подготвено да ги разгледа сите понуди што ќе пристигнат за офанзивецот. Минатото лето клубот веќе се раздели со една од своите ѕвезди, откако Александер Исак беше продаден на Ливерпул за 125 милиони фунти. Според информациите, за Гордон сега ќе бараат околу 80 милиони фунти.

Англискиот репрезентативец има одлична сезона зад себе со 17 голови и 5 асистенции на 46 натпревари во сите конкуренции. Посебно се истакна во Лига на шампиони, каде постигна 10 голови и се наоѓа веднаш зад Килијан Мбапе на листата на стрелци. Њукасл Јунајтед моментално се наоѓа на 14. позиција во Премиер лига со 42 бодови по 32 кола и заостанува пет поени зад местата кои водат во европските натпреварувања следната сезона.