Фудбалерите на Вардар по ремито против Пелистер се вратија на победите во битката за титулата со Шкендија и денеска во скопското дерби славеа над Работнички со 1-0.

Беше Вардар за нијанса подобар противник на натпреварот кој не донесе премногу прилики за гол, сепак впечаток беше дека „црвено-црните“ ја имаат контролата.

Одлучувачкиот момент се случи во 22 минута кога српскиот напаѓач, Стефан Цветковиќ мајсторски погоди од слободен удар и го матираше голманот Ондоа.

Вардар сега дојде до 65 бода, четири повеќе од Шкендија која в понеделеник игра против Шкупи кој веќе е второлигаш и се очекува да ја потврди фаворитската улога.

Во вториот натпревар кој се играше денеска Силекс на свој терен ја оправда фаворитската улога над Башкими и славеше со истиот резултат 1-0. Херој на кратовчани беше Додев кој го реализираше пеналот во 69-та минута поради кој Башкими остана и со фудбалер помалку.