Пелистер најде замена за Тајник: Словенец од Партизан доаѓа во Битола!
Станува збор за 27-годишен ракометар, кој во моментов настапува за Партизан, а по две сезони минати во белградскиот клуб кариерата треба да ја продолжи во Битола. Котар игра одлична сезона во дресот на црно-белите, беше меѓу најзабележителните во финалето во Купот на Србија, а со белградскиот состав е во трка и за шампионската титула во Србија. Негов матичен клуб е Словењ Градец, а во досегашниот престој во Партизан освои четири трофеи.
Пелистерци со ангажманот на Котар ја пополнуваат празнината што ќе остане по заминувањето на Домен Тајник, кој по три сезони ќе го напушти клубот и како слободен играч ќе потпише за Слован Братислава. Битолчани претходно го официјализираа и трансферот на Мартин Серафимов, а ги продолжија договорите и со Хенигман, Владан Граховац и Жарко Пешевски.