Во Мадрид се бесни на судијата: Како стартот врз Мбапе не беше за црвен картон?

Екипата на Реал Мадрид загуби од Баерн Минхен (1-2) во синоќешниот прв четвртфинален натпревар од Лигата на шампионите, но покрај резултатот, големо внимание привлече и спорната судиска одлука околу стартот врз Килијан Мбапе.

Головите за Баварците ги постигнаа Луис Дијаз во 41. и Хари Кејн во 46. минута, додека за „кралевите“ намали Мбапе во 74. минута. Само три минути пред погодокот, францускиот напаѓач беше жртва на груб старт од Џонатан Тах, кој го нагази одзади над зглобот на десната нога и дополнително го оттурна со двете раце. Главниот судија, Мајкл Оливер, за овој старт покажа само жолт картон, што предизвика остри реакции кај домашниот табор и навивачите.

На социјалните мрежи брзо се проширија фотографии од повредата, на кои се гледа дека Мбапе има искинати штуцни и раскрвавена потколеница. Тренерот Алваро Арбелоа по мечот јавно праша: „Како судијата не виде црвен картон за стартот врз Мбапе?“.

Шпанските медиуми оценуваат дека одлуката на Оливер дополнително ја зголемила тензијата пред реваншот, каде Реал ќе мора да брка негатива во Минхен.