Вардар потпишува со двајца ракометари од Бундеслигата, на мета е и македонски репрезентативец?

Двократниот европски шампион Вардар веќе прави планови за следната сезона, а според шпекулациите би можел да се засили со двајца ракометари од Бундеслигата, но и еден од македонската Суперлига.

„Црвено-црните“ планираат да ги засилат двете бековски позиции, па поради тоа наводно покажале интерес за десниот бек од Кил, Мохаб Абделхак кој е висок 194 сантиметри. Тој претходно настапувал и за Ал-Ахли во Египет, но и Ним во Франција.

Во редовите на скопскиот гигант треба да пристигне и белорускиот џин Уладѕислау Кулеш, кој настапува на позицијата лев бек во Мелсунген. Тој претходно играше и за Хановер, Виве Кјелце и Минск.

Вардар сака да го комплетира тимот со уште едно засилување за следната сезона, а тоа е македонскиот репрезентативец Марко Стојковиќ од редовите на Алкалоид.

Екипата од Скопје во моментов е на добар пат да го освои шампионскиот пехар во Суперлигата, а се натпреварува и во Европската лига, каде стигна до четвртфинале.