Тоа ќе биде драма: Барса може да ја освои титулата во - Ел Класико
Иако во оптек се уште 24 бода, јасно е дека тоа е огромен капитал за каталонскиот клуб кој има шанса првпат по седум години да го одбрани шампионскиот трофеј во домашното првенство. Интересно е тоа што титулата може да биде обезбедена токму во дуелот со Реал.
Претстојното Ел Класико е на програмата на 10 мај на Камп Ноу и ако дотогаш нема промени во состојбата на табелата, Барса би влегла со седум бода предност во однос на Реал. Евентуална победа на тој меч ќе ја однесе на +10 на три кола пред крајот на сезоната што ќе биде недостижно за „кралскиот клуб“.
Сепак, ова се само претпоставки, а дотогаш двете екипи имаат исклучително незгодни натпревари. Тоа, пред се, се однесува на Барселона која на крајот од април и почетокот на мај ја очекуваат две тешки гостувања - кај Гетафе и Осасуна, екипи кои неодамна го победија Реал и му овозможија на каталонскиот клуб да се врати на чело на табелата. Во истите две кола Реал гостува кај Бетис и Еспањол што е исто така тежок предизвик, особено ако во тој период мадридскиот тим игра и во полуфиналето од Лигата на шампионите.