Првпат во историјата – сите мечеви од последното коло ќе почнат во исто време!?

Огромната неизвесност околу тоа кои екипи ќе го продолжат натпреварувањето во борбата за титулата, а кои ќе играат за опстанок, го „примора“ раководството на Кошаркарската федерација да ја донесе единствената исправна одлука – сите натпревари од последното коло од првата фаза на првенството да почнат во исто време, која наскоро треба да бие официјализирана.

Пет екипи во моментов се наоѓаат на разлика од само една победа, а три од нив ќе продолжат во плејоф-фазата, додека две ќе се најдат во непријатна ситуација да играат плеј-аут, од каде што дури половината од учесниците ќе се преселат во понизок ранг. Згора на тоа, ТФТ и МЗТ Скопје во моментов се изедначени на врвот на табелата со скор 19-2, поради што завршната рунда треба да го реши и прашањето околу стартната позиција број еден, која според новиот систем на еднокружно играње во плејоф-фазата носи предност на домашен терен во однос на најголемиот ривал.

Поради ова, буквално сите средби од последното коло имаат тежина, односно резултатот и тоа како може да ја смени состојбата на табелата, а наскоро ќе биде официјализирана одлуката сите мечеви од 22. рунда да се играат в недела (5 април), со почеток од 18 часот. Замрсеноста е толку голема што дури и вештачката интелигенција (види ТУКА) има проблеми со пресметувањето на крајниот епилог, односно да одреди кои три тима ќе им се приклучат на МЗТ, ТФТ и Пелистер во плејофот, односно кои две екипи ќе им се придружат на Ангели, Гостивар и Работнички во битката за опстанок.

ПОСЛЕДНО КОЛО: Чаир 2030–МЗТ Скопје, Тиквеш–ТФТ, Куманово–Работнички, Гостивар–Феникс, Маџари–Ангели, Кожув–Пелистер.