Ниту Чат ГПТ не може да пресметка кои шест екипи ќе се борат за титула во Македонија!
Разликата меѓу нив е минимална – само два бода, што ја прави пресметката исклучително сложена и непредвидлива. Сигурни учесници во разигрувањето за титулата веќе се МЗТ Скопје, ТФТ и Пелистер, но вистинската битка се води зад нив. Маџари и Кожув имаат по 32 бода, додека Куманово, Тиквеш и Чаир 2030 се веднаш зад нив со по 31. Системот на бодување предвидува секој тим да освои по еден бод дури и при пораз, а два за победа. Тоа значи дека по последното коло голем број екипи можат да се израмнат по бројот на бодови, па конечниот пласман ќе се решава преку меѓусебни дуели, односно со мини табели од пресметките помеѓу инволвираните тимови.
Токму поради оваа комплексност, ситуацијата е толку заплеткана што дури и најнапредните аналитички модели и вештачката интелигенција тешко можат да ги пресметаат сите можни комбинации и со сигурност да предвидат кои шест екипи ќе се најдат во плејофот, а кои ќе мора да се борат за опстанок во плејаутот. Најголеми шанси му се даваат на Маџари и тоа 85-отсто, Кожув со 65-отстотна сигурност може да се смета како дел од елитата, а Куманово со 60-отсто. Најблиску до испаѓање од плејоф-фазата и префрлање во делот за борба за опстанок се Тиквеш и Чаир 2030 кои имаат 20-отсто односно 10-отсто за да направат чудо.
Маџари има најголема шанса сам да си ја реши судбината против последнопласираните Ангели, додека Кожув ќе има тешка задача против Пелистер. Тиквеш и Чаир, пак, се пред најголем предизвик – дуели со фаворитите ТФТ и МЗТ. Куманово му гостува на Работнички, кој покажа одлична игра во дербито со МЗТ и кој иако можеби е сигурен за во Плејаутот, сепак, ќе игра максимално со цел да дојде до злато вредна победа во битката за опстанок.
Сите овие фактори ветуваат неизвесно и драматично последно коло, во кое секој кош, секоја одлука и секоја грешка може да направи разлика меѓу плејоф и плејаут. Едно е сигурно – ваква завршница ретко се гледа, а дури на крајот од следниот викенд ќе го имаме одговорот на прашањето кој ќе се бори за титулата, а кој за опстанок.