„Вечно“ дерби во Аеродром - различни цели, но иста страст
Последните години дуелите на овие две екипи не личат на дерби бидејќи МЗТ Скопје е доминантна сила во македонската кошарка, но страста кај кошаркарите и навивачите е останата иста. Разликата во квалитетот се гледа и во меѓусебните дуели бидејќи МЗТ Скопје се наоѓа во серија од шест победи против Работнички, а тимот од Градски парк има само еден триумф во последните пет години, односно во последните 15 пресметки.
Натпреварот што се игра вечерва од 19 часот има големо значење за двете екипи. МЗТ Скопје води грчевита борба со ТФТ за првото место пред плејофот, додека Работнички се бори за опстанок. И едните и другите имаат големи мотиви да слават затоа што со тоа ќе си ги продолжат надежите за остварување на своите амбиции.
Актуелниот шампион на Македонија е десеткуван со неиграњето на тројца стандардни првотимци: Војдан Стојановски, Андреј Магдевски и Андреј Маслинко, проблем кој најдобро се виде на претходното гостување кај Кожув кога МЗТ Скопје го доживеа првиот пораз на терен оваа сезона. Силите, сепак, ќе бидат израмнети бидејќи Работнички има вкупно осум сениори во својот состав, остатокот го пополнува од својата школа.