Седлоски: Чуда се случуваат, зошто тоа да не биде и утре?!
Седлоски посочи дека нивната цел е јасна, а тоа е да ја елиминираат Данска, која важи за фаворит на хартија во пресрет на утрешниот натпревар.
„Сите сме фокусирани, сите дишиме како едно семејство, а така ќе биде и по овој натпревар. Се знае што значи да се носи македонскиот дрес и колку треба да се даде за него, треба да го оправдаме сите дресот кој го носиме.
Нашата цел е да одиграме најдобро што знаеме. Иако не сме фаворити, сепак ние ќе се обидеме да ја елиминираме Данска. Овие три денови трениравме, знаат играчите што баравме од нив. Имаме фудбалери кои се задолжени и за пенали, но ние се надеваме дека ќе го решиме мечот во првите 90 минути. Јас одлучив со која формација ќе излеземе утре, но сега нема да откријам“, кажа Седлоски.
Селекторот на Македонија посочи дека Данска има одлични играчи, но сè зависи од пристапот на македонските фудбалери на натпреварот, па притоа кажа дека може да се случи чудо во Копенхаген.
„Данска има одлични играчи, но сè зависи од тоа како ќе се поставиме на теренот. Треба да ‘изгинеме’ на теренот, изненаден сум позитивно од нивната реакција. Сите нè имаат отпишано, Данска е фаворит на хартија, но ние играме добро против силните репрезентации. Во фудбалот се случуваат чуда, па такво нешто нека се случи и утре.
Нема подобар мотив од тоа да играте ваков натпревар, кога противникот ве потценува. Македонија има добри играчи кои играат во моќни клубови. Сите се мотивирани за утрешниот натпревар“, кажа селекторот.
Натпреварот меѓу Данска и Македонија се игра во Копенхаген утре од 20.45 часот.