Европските навивачи поднесоа тужба против ФИФА поради цените на билетите за СП 2026!
Жалбата е поднесена заеднички од здружението „Фудбалски навивачи Европа“ и потрошувачката организација „Евро-потрошувачи“, според кои ФИФА ја користи својата позиција на пазарот за да наметне услови кои не би биле прифатливи во вистинска конкурентна средина. Ценовната политика ја опишаа како „огромно предавство“ кон навивачите. Првичните цени на билетите се движеле од околу 140 долари за некои натпревари од групната фаза до дури 8.680 долари за финалето на турнирот.
Најголем дел од критиките се насочени кон воведувањето на т.н. динамично формирање на цените, кое за првпат се користи на светските првенства.
„Динамичното формирање на цените ја претвора лојалноста на навивачите во наддавање, ги зголемува трошоците без реална додадена вредност и им оневозможува на многу луѓе да присуствуваат на натпреварите“, изјави Елс Бругеман од „Евро-потрошувачи“.
Дополнителни критики се упатени и кон официјалната платформа за препродажба на билети на ФИФА, каде што цените можат да бидат значително повисоки од номиналната вредност. Притоа, светската куќа на фудбалот задржува провизија од 30 проценти од секоја трансакција. По силниот притисок од јавноста, ФИФА намали дел од билетите на 60 долари, но тие претставуваат само околу 10 проценти од вкупниот број места наменети за навивачите на репрезентациите. Извршниот директор на „Фудбалски навивачи Европа“, Роунан Евајн, истакна дека ФИФА се повикува на сопствени податоци за продажбата како доказ за успешноста на моделот.
„Реалноста е дека на лојалните навивачи им се остава само еден избор – или плаќаш, или остануваш без билет“, порача Евајн.
Тужителите бараат цените да се замрзнат во следната фаза од продажбата во април, како и целосно укинување на динамичното формирање на цените за европските навивачи.