ТФТ се извлече во Куманово, славеше по продолжение!

Кошаркарите на ТФТ кои минатиот викенд го загубија дербито со МЗТ Скопје не дозволија да врзат два порази во низа и по голема драма и продолжение славеа во Куманово со 83-76.

Натпреварот донесе многу борба и неизвесност, двете екипи се менуваа во водството, а првиот период им припадна на гостите од Тафталиџе со 22-18. Истата слика продолжи и во втората четвртина, ниту една од екипите не успеваше да направи повисока предност, но на пауза одново водеше ТФТ, сега еден разлика (38-37).

Битката продолжи и по враќањето на кошаркарите од одморот, третиот период беше првиот кој им припадна на домашните кошаркари, па тие во последниот период влегоа со предност од 54-50.

Неизвесно беше и во последниот период, а иако Куманово дојде до пет поени предност во завршницата, ТФТ дојде до израмнување во последните моменти па со 69-69 победникот се решаваше во продолжението.

Таму домаќините како да загубија сили, па ТФТ успеа да се извлече и да слави важна победа. Дејвис беше најефикасниот со 29 поени кај побендничкиот состав, додека Радукиќ кај Куманово дојде до дабл-дабл од 25 поени и 11 скока.