Кошаркарките сонуваат ново чудо во квалификациите за ЕП – во „Градски парк“!
Хрватките важат за огромен фаворит, но нашите девојки најавуваат максимален ангажман и желба достојно да го завршат квалификацискиот циклус, во кој досега забележаа една победа и четири порази. По гостувањата во Данска и Грција, националниот тим се врати во Скопје, каде одработи неколку тренинзи пред завршниот предизвик. Селекторот Александар Ашаданов се соочува со одредени кадровски проблеми, откако на повреди се пожалија Марија Николов и Мерит Хемпе.
Николов заработи удар во главата на претходниот меч против Грција во Солун и поради тоа го пропушти последниот тренинг, но се очекува да биде подготвена за настап. Неизвесност има околу настапот на Хемпе, која е една од најдобрите во македонскиот состав во овој квалификациски циклус, а одлуката за нејзиното играње ќе биде донесена непосредно пред почетокот на натпреварот.
Влезот за натпреварот во „Градски парк“ е слободен, што претставува дополнителен повик до љубителите на кошарката да ја поддржат репрезентацијата во завршницата од квалификациите.