МЗТ по многу пресврти ја доби драмата со ТФТ за - прво место пред плејоф-фазата!

Кошаркарите на МЗТ Скопје остануваат непоразени на терен сезонава во Суперлигата, откако вечерва, по двочасовна голема борба, како гости го совладаа ТФТ (70-69) во последниот меч од 18. коло, кој неочекувано се играше во Негорски бањи.

Аеродромци победата ја заверија на неколку секунди до крајот со прецизното прво слободно фрлање на Мек Смит, по што тој намерно го промаши второто за да не му остави простор на противникот да изгради био каков напад. Овие слободни беа подарок за сино-белите од Виктор Ташовски, кој непотребно фаулира уште во почетокот на нивниот напад по чекорите на Дејвис, кој можеше да донесе победничко водство за домаќинот.

МЗТ добро почна и уште во првата четвртина во неколку наврати имаше солидни плус седум (17-10). Тоа не го обесхрабри ТФТ, кој со серија 10-2 прави резултатски пресврт на стартот од вториот период по што следува изедначен период со дури шет промени на водството. За блесок на домаќинот пред заминување на одмор (33-29). Третиот период мина во знакот на популарната Тафта, која во неколку наврати имаше двоцифрено водство (52-42), но тоа не беше доволно за славје. „Металците“ како да се налутија, заиграа колективно во што им помогна преселбата на Илајџа Мекејден на клупата (премногу солираше) и со серија 23-5 направија целосен пресврт за водство со 65-57. Но и тоа не донесе крај на возбудувањата. ТФТ со седум поени по ред во последните минути помалку неочекувано дојде до 69-69, имаше и напад за победа, но на крајот немаше среќа па бодовите завршија на конто на противникот.

Чарлс Гил со 16 поени беше најпрецизен во победничкиот состав, каде што Смит постигна 13, додека Стенли Дејвис со 21 поен и 10 скока беше најдобар кај ТФТ.

МЗТ Скопје сега е лидер со скор 17-1, додека ТФТ има 16-2, но двете екипи имаат ист број бодови поради службениот пораз на аеродромци од првиот дел од сезоната против Ангели. Предноста на првакот е во подобриот меѓусебен скор, што значи дека ако до крајот ги победи сите четири средби во плејоф-фазата сигурно ќе влезе од првата позиција.