Чудесниот Валверде го одведе Реал на чекор од четвртфинале, ПСЖ во голеада го доби Челси! (ВИДЕО)

Реал Мадрид иако ослабен и со кадровски проблеми сепак вечерва на свој терен направи голем чекор кон четвртфиналето во Лигата на шампионите совладувајќи го Манчестер сити со 3-0.

Херој на „кралевите“ беше Федерико Валверде, Уругваецот го одигра натпреварот на кариерата и со хет-трик во првото полувреме беше човек на одлуката. Валверде го отвори резултатот по 20 минути игра, седум минути подоцна стрелаше и вторпат, за пред паузата во 42. минута да се погрижи и за 3-0.

Во второто полувреме, Реал продолжи да биде подобриот тим на теренот, Винисиус имаше голема шанса да зголеми на 4-0, но во 58-та минута не реализираше пенал кој самиот го изнуди. Набрзо потоа Бразилецот влезе во добра прилика од игра, меѓутоа одново немаше реализација.

До крајот, Сити иако не создаде премногу прилики по една грешка во одбраната можеше да дојде до барем еден гол, меѓутоа Куртоа беше присебен и на фантастичен начин го спаси својот гол.

Сега пред Сити е исклучително тешка задача на свој терен да надополни голема негатива идната недела.

Најмногу голови вечерва се постигнаа во Париз каде што ПСЖ со 5-2 славеше над Челси. Баркола, Дембеле, Витиња и Кварацхелија (два) погодуваа за актуелниот европски шампион, додека за гостите од Лондон стрелаа Густо во првиот дел и Фернандез во второто полувреме.

На чекор од четвртфиналето дојде и најголемото изненадување сезонава во ЛШ, Бодо Глимт кој на свој терен со 3-0 го совлада Спортинг. Во првото полувреме за домаќините во листата на стрелци се запишаа Фет и Бломберг, додека на 20-тина минути пред крајот на средбата конечните 3-0 ги постави Хог.

Фото: EPA