Баерн и Атлетико веќе четвртфиналисти, Барса извлече реми во Њукасл (ВИДЕО)

Екипите на Баерн и Атлетико Мадрид можат веќе да се подготвуваат за четвртфиналето од Лигата на шампионите бидејќи вечерва остварија убедливи победи во првите осминафинални дуели.

Баерн ја разнесе Аталанта во Бергамо со 6-1, со по три гола во двете полувремиња. Од 12. до 25. минута погодија Станишиќ, Олис и Гнабри, а во вториот дел, од 52. до 67. минута уште Џексон, повторно Олис и на крајот Мусиала. Пашалиќ во судиското продолженние го постигна почесниот гол за Аталанта, но не постојат никакви причини за италијанскиот да се надева на поволен резултат во реваншот во Минхен идната недела.

Сличен триумф можеше да оствари и Атлетико бидејќи по 22 минути водеше со 4-0 на домашен терен против Тотнем, но потоа го намали темпото и на крајот славеше со 5-2. Љоренте, Гризман, Алварез и Ле Норман го торпедираа гостинот во првото полувреме, Поро намали, а Хулијан Алварез се погрижи за водство од 5-1. Соланке го постави конечниот резултат и му остави каква-таква шанса пред мечот во Лондон.

Барселона некако извлече нерешен резултат на гостувањето кај Њукасл (1-1) иако според играта воопшто не го заслужи тоа. „Каталонците“ играа калкулантски во текот на целиот меч и беа многу блиску до 0-0, но Барнс во 89. минута им ги расипа сметките и го отвори резултатот. Се чинеше дека Њукасл ќе оди во Шпанија со минимална предност, но Олмо беше фаулиран во противничкиот шеснаесетник во 96. минута, па Јамал од белата точка ѝ донесе поповолен резултат на својата екипа.

РЕЗУЛТАТИ
Галатасарај - Ливерпул 1-0
Аталанта - Баерн 1-6
Атлетико - Тотнем 5-2
Њукасл - Барселона 1-1