МЗТ се врати по минус 17, но го загуби маратонот во Широки за збогум со АБА2 (ФОТО)

Екипата на МЗТ Скопје со пораз по еден од најдраматичните средби во историјата на регионалното натпреварување ја заврши сезоната во АБА 2 лигата, откако вечерва загуби на гостувањето кај Широки (109-111) во меч со две продолженија кој траеше неверојатно два ипол часа.

На „штрковите“ им беше потребна победа од 15 разлика на гостувањето кај Широки, пред крајот на основниот дел водеа со четири, но не успеаја да го остварат она по што дојдоа. И тоа што изборија продолжение беше подвиг бидејќи во најголемиот дел од мечот, босанскиот претставник беше во предност, на периоди и со плус 17 (60-43).

Се чинеше дека се е готово по втората четвртина која Широки ја доби со 31-16, но МЗТ Скопје се разбуди во последниот период и донесе драма. Го отвори со 10-2, а по константниот притисок и серијата од 10-0, отиде на +4 (90-86). Широки не дозволи пораз и покрај тоа што му одговараше и минимално да загуби затоа што имаше најдобра кош-разлика од конкурентите, па финишот беше и малку комичен. Домаќините не дозволија пораз, Магдевски имаше тројка за победа при резултат 92-92, но одлучи да не шутира и да му овозможи на својот тим во дополнителни пет минути да се бори за потребната победа.

Огромна борба продолжи во двете продолженија, МЗТ имаше можност за победа на крајот од првото но Мекејден намерно промаши слободно за нови пет минути шанса, во кои домаќинот не дозволи да биде прегазен и на крајот да дојде до посакуваниот триумф вреден прво место по регуларниот дел.

Илајџа Мекејден беше најефикасен во редовите на македонскиот тим со 30 поени, 8 скока и 7 асистенции, Мек Смит додаде 25 поени, додека Танасковиќ оствари дабл дабл со 14 поени и 12 скока. На спротивната страна блескаше поранешниот кошаркар на Работнички, Дмитрик Трајс кој постигна 33 поени.

МЗТ регуларниот дел го завршува на 10. позиција, додека макбаскетот ќе има свој претставник во плејофот и тоа во ТФТ.

ПЛЕЈОФ – АБА2

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ

Широки – Јахорина

Златибор - ТФТ

Сутјеска - Слобода Тузла

Војводина – Хелиос

* се игра во серија „подобар од три“