Селекторот што загуби од Македонија сега ќе ја спасува Италија!?

Иднината на Џенаро Гатузо како селектор на Италија е неизвесна, а веќе се разгледуваат тројца стручњаци кои би можеле да го заменат. Меѓу имињата што се поврзуваат се актуелниот тренер на Наполи, Антонио Конте и тренерот на Милан, Масимилијано Алегри.

Договорот на Конте со Наполи е до 30 јуни 2027 година, а претседателот на клубот, Аурелио Де Лаурентис, е решен да продолжи да работи со трофејниот стручњак. Договорот на Алегри со Милан автоматски ќе биде продолжен за една година ако „росонерите“ се пласираат за Лигата на шампионите. Според „Скај Спорт Италија“, двајцата тренери би прифатиле да ја преземат репрезентацијата само ако има јасен и долгорочен проект, но раскинувањето на нивните договори со нивните сегашни клубови би претставувало сериозна пречка.

Третиот кандидат е поранешниот тренер на „аѕурите“, Роберто Манчини и тоа од периодот кога Италија загуби од Македонија во баражот за Светското првенство во Катар. Тој моментално го води катарскиот тим Ал-Сад, но изразил подготвеност да се врати во тимот што го водеше помеѓу 2018 и 2023 година. Се верува дека раскинувањето на неговиот договор со катарскиот клуб нема да биде проблем.

Тензиите околу работата на Гатузо се зголемија откако Италија не успеа да се квалификува за Светското првенство. Тимот загуби од Босна и Херцеговина во финалниот плејоф по нерешениот резултат 1-1 по 120 минути и поразот од 1-4 на пенали.