Силекс апсолутен фаворит во Кратово, Брера и Арсими во директна битка за опстанок!
Домаќинот е без победа на последните четири натпревари (две ремија и два порази), а во пролетниот дел сè уште нема триумф на свој терен. И покрај кризата, кратовци важат за апсолутни фаворити, особено ако се земе предвид дека Шкупи има само еден освоен бод сезонава. Од таборот на Силекс порачуваат дека очекуваат сигурна победа, но предупредуваат дека бодовите мора да се заработат на терен.
„Очекуваме три бода. Натпреварот доаѓа во вистински момент за нас, по паузата сме освежени и подготвени. Нема потценување, мора да ги исполниме задачите и да дојдеме до победа“, изјави дефанзивецот Ѓорѓе Џеков.
Од друга страна, Шкупи и покрај поразот од Башкими (2-3), покажа напредок и со зголемена самодоверба го очекува гостувањето. Фудбалерот Асан Рифадов истакнува дека тимот ќе се бори до крај за позитивен резултат. Историјата е на страната на Силекс, кој има 18 победи во меѓусебните дуели, наспроти 12 на Шкупи, додека 11 натпревари завршиле нерешено. Последниот меч во Кратово, одигран во ноември, заврши со убедливи 5-1 за домаќинот. Денешниот дуел започнува во 15.30 часот.
Во истото време, тимот на Брера на го пречекува Арсими во директна битка за опстанок. Струмичани ја искористија репрезентативната пауза за подготовка и ресет по двата последователни порази.
„Работевме напорно и веруваме дека тоа ќе се види на терен. Ова е важен натпревар и сакаме да дојдеме до бодови“, изјави тренерот Мартин Алаѓозовски.
Во таборот на Арсими владее оптимизам по победата над Вардар, а фудбалерот Марсел Гони најавува борбена игра.
„Имаме самодоверба и одиме по бодови. Ќе дадеме максимум и ќе се бориме за позитивен резултат“, истакна Гони, заблагодарувајќи им се и на навивачите за поддршката.
Натпреварот во Струмица ќе се одигра на стадионот Благој Истатов, исто така со почеток од 15.30 часот.
ФОТО: Facebook/Sileks