Екипите што се во најдолга серија победи во Првата лига - на мегдан во Струга

Денешната програма во Првата македонска фудбалска лига има само еден натпревар - меѓу Струга и Работнички покрај Охридското езеро.

Мечот се игра од 15:30 часот, а е од огромна важност за двете екипи. По неочекуваниот пораз на Шкендија, Струга има шанса да се доближи на само два бода од второто место на табелата кое води во квалификациите за Конференциската лига. Од друга страна, Работнички е со шанса по многу долго време да го напушти 11. место на табелата и да ја продолжи битката за опстанок.

Интересно е тоа што Струга и Работнички се екипи што се наоѓаат во најдобра форма во Првата лига, односно се во најдолга победничка серија. Двете екипи триумфираа во претходните три кола, Струга во првенството не е поазена од 15 февруари, а Работнички славеше на пет од последните шест натпревари во шампионатот и драстично си ги зголеми шансите за спас со оглед на тоа што допрва следуваат пресметките со директните ривали.

Сезонава Струга и Работнички веќе одиграа два натпревара меѓу себе и двата им припаднаа на стружани. Во август на домашен терен славеа со 2-0, а во ноември во Скопје со 3-1.

Standings provided by Sofascore