Јамал не ја прослави победата над Атлетико - пред сите го понижи тренерот Флик (ВИДЕО)

Екипата на Барселона со синоќешната победа на гостувањето кај Атлетико Мадрид (2-1) направи огромен исчекор кон титулата во Ла Лига, но по натпреварот вниманието го привлече чудната реакција на Ламин Јамал.

Младиот офанзивец беше видно незадоволен по последниот судиски свиреж и не ја прослави победата постигната со голот на Роберт Левандовски во 87. минута. Камерите забележаа како тренерот Ханси Флик му пријде да му честита, но доби неочекувана реакција од својот играч, кој го понижи пред сите. На пат кон соблекувалната, Јамал продолжил нервозно да гестикулира во разговор со Хозе Рамон де ла Фуенте, член на стручниот штаб на Барселона.

По натпреварот, Флик изјави дека не знае точно што предизвикало ваква реакција.

„Не знам точно за што станува збор, но натпреварот беше полн со емоции. Ламин даде сè од себе за да постигне втор гол. Не беше сè совршено, но навистина се трудеше“, изјави германскиот стратег.

Флик додаде дека за три дена тимот го очекува нов важен предизвик во Лигата на шампионите против истиот ривал на домашен терен и очекува Јамал тогаш да биде во подобро расположение.

ФОТО: EPA PHOTO