Најголемото македонско фудбалско дерби ќе се игра под рефлектори

Идната среда Битола ќе биде домаќин на уште еден спортски спектакл, овојпат во рамките на фудбалската Прва лига.

Најголемото македонско фудбалско дерби, меѓу Пелистер и Вардар, ќе се игра на стадионот „Петар Милошевски“ во вечерен термин, од 20 часот, односно под рефлектори. Тоа ќе биде добра можност уште еднаш да се направи убава фудбалска атмосфера во мечот кој е од огромно значење за двете екипи.

Пласманот на табелата ќе зависи од исходите на натпреварите претстојното коло, но во секој случај Вардар мора да победи за да се одржи во борбата за шампионската титула, а Пелистер за да се избори за подобра позиција во битката за опстанок. Претходниот меч меѓу Пелистер и Вардар во Битола се одигра на 5 ноември и тогаш славеа „црвено-црните“ со 2-1.