„Црно-бела“ шлаканица за Звезда - шансите за плејофот исчезнуваат

Карлик Џонс ја оствари својата голема желба и вечерва заедно со своите соиграчи веројатно ѝ ги уништија на Црвена Звезда надежите за пласман во плејофот од Евролигата.

Партизан славеше со 89-82 за свој шести триумф во низа во елитното европско натпреварување, а во исто време ја остави Звезда на две победи од шестопласираниот Жалгирис, на три кола пред крајот на основниот дел од сезоната. „Црно-белите“ одиграа фантастична последна четвртина во која замолкнаа околу 20 илјади навивачи на противничкиот тим во преполната Арена.

Во тој финален квартал, поранешниот европски шампион имаше и 15 поени предност (77-62 и 80-65), дозволи Звезда да се доближи на еден посед негатива (79-82), но Карлик Џонс во клучните моменти беше непогрешлив и стави точка на големата победа на неговиот тим.

За Партизан победата немаше големо значење бидејќи одамна ги загуби шансите за пласман во плејофот, но секако е важна за кревање на самодовербата пред завршницата од АБА лигата каде повторно би можел да се сретне со својот најголем ривал. Звезда од своја страна ја очекуваат дуели со француските екипи Париз и Асвел и гостување кај Реал во последното коло, но се чини дека најмногу што може да извлече ќе биде осмото место, а и тоа би било премија.