Стојановска: Младите кошаркарки ќе бидат „икс фактор“ на гостувањето во Данска!

Женската кошаркарска репрезентација на Македонија веќе е во Копенхаген, каде што утре ќе го одигра четвртиот натпревар од квалификациите за Европското првенство 2027 против селекцијата на Данска, која во првиот меч во СРЦ „Кале“ ја совладаа со 79-78.

Нашиот национален тим овојпат ќе настапи во значително изменет состав. Најголемата промена е отсуството на Анџелика Митрашиновиќ, долгогодишниот капитен и лидер на тимот, која се повлече од активното играње кошарка. Поради тоа, капитенската лента се очекува да ја преземе една од најискусните во тимот, Александра Стојановска. Таа истакна дека репрезентацијата се наоѓа во период на транзиција, со голем број млади кошаркарки во составот.

„Очекувањата не може да бидат исти како претходно. Во моментов се случува голема промена во националниот тим. Имаме доста млади играчи и големи промени во ростерот. Повлекувањето на Митрашиновиќ драстично ја менува улогата на плејмејкерот во тимот. Нашата цел е како екипа да го дадеме максимумот и да им покажеме на младите како се бори и како се сака репрезентацијата. Дали ќе успееме да победиме, ќе видиме“, изјави Стојановска.

И покрај подмладувањето на тимот, искусната кошаркарка верува дека младоста може да биде предност.

„Имаме доста талентирани млади играчи кои се во фаза на развој. Јас лично верувам во нив и мислам дека можат да изненадат и да покажат што знаат, бидејќи ова е голема шанса за нив да бидат икс-фактор во евентуалниот триумф“, додаде Стојановска.

Натпреварот меѓу Данска и Македонија се игра утре со почеток од 18.45 часот.