Работнички ќе си го „враќа чаламот“ - по пет години пак ќе игра во својот Градски парк!
Ова ќе биде прв натпревар за црвено-белите во салата која е синоним за овој клуб, а која е надвор од употреба од крајот на 2020 година поради неисполнување на стандардите на ФИБА. Изминативе две години таа се реновира за сума од најмалку два милиони евра, па пред десетина дена беше официјално пуштена во употреба со средбата на Македонија против Луксембург. Сега, до крајот на сезоната, 15-кратниот шампион повторно ќе ги пречекува своите ривали на традиционалниот домашен терен.
Враќањето во Градски парк доаѓа во исклучително важен момент за Работнички, кој води тешка битка за опстанок во Суперлигата. Токму затоа се очекува и силна поддршка од навивачите, а најверните – Сити Парк Бојс – повторно ќе се вратат на своето старо место, на „терасата“ под главниот семафор, од каде со децении го бодрат својот клуб. Тие веќе најавија дека заедно со нивните миленици ќе го „враќаат чаламот“ на тимот што одамна не е тоа што беше.
Капацитетот по реновирањето е намален на околу 900 места, но со оглед на актуелниот интерес, тоа се очекува да биде сосема доволно за атмосферата повторно да биде жешка во домот на најтрофејниот македонски кошаркарски клуб.