Нешто чудно се случува: Реал го прекинува бојкотот на Златната топка

По две години отсуство од церемонијата за доделување на „Златната топка“, Реал одлучи да ја промени својата стратегија и повторно да испрати делегација во Лондон. Одлуката на шпанскиот гигант веднаш предизвика шпекулации, а во центарот на вниманието се најде Килијан Мбапе, кој е меѓу кандидатите за најпрестижната индивидуална награда во светскиот фудбал.

Според информациите на францускиот Лекип, на церемонијата закажана за 26 октомври ќе присуствуваат претставници на Реал Мадрид, вклучително и неколку фудбалери номинирани за признанијата. Она што ја прави оваа одлука особено интересна е фактот дека претседателот Флорентино Перез во изминатите две години демонстративно ја игнорираше церемонијата.

Во 2024 година, мадридскиот клуб ја откажа посетата на церемонијата откако дозна дека Винисиус Жуниор нема да ја освои наградата, која му припадна на Родри. Реал сметаше дека Бразилецот заслужил да биде прогласен за најдобар фудбалер во светот, особено по успесите во Лигата на шампионите и шпанското првенство. Незадоволството продолжи и во 2025 година, кога клубот повторно не испрати своја делегација.

Сега, меѓутоа, ситуацијата е поинаква. Мбапе е еден од главните кандидати за признанието, а според извештаите на француските медиуми, тој планира да присуствува на свеченоста во Лондон. Информациите за неговото присуство ги потврдуваат и извештаи на други европски спортски медиуми. Францускиот напаѓач има силни аргументи во трката за трофејот. Според официјалните податоци на Реал Мадрид, тој беше најдобар стрелец во шпанската лига со 25 погодоци и во Лигата на шампионите со 15 гола во сезоната 2025/26. На Светското првенство со Франција постигна уште десет гола и ја освои наградата за најдобар стрелец. Сепак, не освои ниеден трофеј со Реал, а збирно, Хари Кејн има повеќе постигнати голови од него оваа година.

Конкуренцијата е сериозна. Меѓу номинираните се и Усман Дембеле, Ламин Јамал, Винисиус Жуниор и Џуд Белингам. Дембеле е актуелен освојувач на наградата, додека Јамал повторно е меѓу најголемите надежи на Барселона. Присуството на утрешната церемонија го потврди лично Мбапе, како и неговиот репрезентативен колега Усман Дембеле кој е повреден и нема да биде во коммбинација за дуелот на ПСЖ во домашното првенство.

Интересно е што само присуството на Реал Мадрид на церемонијата не значи дека клубот однапред знае кој ќе победи. Добитникот се избира со гласање на меѓународно жири составено од специјализирани новинари, а резултатот официјално ќе биде објавен на свеченоста во Лондон на 26 октомври. Претставниците на Франс фудбал тврдат дека во моментов само пет лица знаат кој е добитникот на Златната топка, а не е информиран ниту освојувачот.