Дерби кое може да го одлучи првенството, Шкендија гостува во Скопје!

Денешната програма од 21. коло во ПМФЛ го носи и големото дерби помеѓу Вардар и Шкендија кое веројатно е и најважниот дуел во битката за титулата од почетокот на сезоната.

Вардарци на свој терен на тренинг-центарот на ФФМ ќе биде домаќин на тетовци кои ако денеска загубат ќе останат на негатива од цели седум бода зад најголемиот ривал.

Шкендија која сезонава се обидува да ја одбрани титулата сака и одмазда за претходниот натпревар кога Вардар во Тетово победи со 1-0. Но, исто така вардарци во дуелот влегуваат по шокантната елиминација од Купот на Македонија каде што беа поразени од второлигашот Охрид.

Свесен за важноста на натпреварот е и фудбалерот Георгије Јанкулов кој потенцираше дека станува збор за дуел кој може да го одлучи првенството.

„Денеска е дерби меч кој што може да го одлучи шампионатот. Ние се подготвуваме како и за секој друг натпревар. Дополнителна мотивација нема да биде потребна, дресот на Вардар е сам по себе мотивација за секого. Противникот е анализиран, се знае која е Шкендија. Максимално сме подготвени и фокусирани на нивните јаки но и слаби страни кои што ќе се обидеме да ги искористиме. По два тешки меча, екипата е подготвена да се врати на победничките патеки и да заборави што се случуваше претходно. Денеска како и на секој меч одиме на победа, иако играме против одлична екипа како што е Шкендија“ – изјави Георгије Јанкулов.

Од таборот на Шкендија пред средбата зборуваше Лиридон Латифи.

„Имавме тешки натпревари и игравме во Европа, но сето тоа е зад нас и фокусот е ставен на дербито, се надеваме ќе заврши во наша корист. За нас не е важно каде играме, единствено што е важно е да имаме еднакви услови со противникот од сите аспекти. Верувам ќе гледаме добар фудбал, а потоа ќе се види кој што може да покаже“, изјави Латифи.

Натпреварот денеска се игра во терминот од 14:00 часот, додека во вториот дуел кој е на програмата од 16:00 часот во Битола, Пелистер ќе го пречека Силекс.