Симеоне знае да биде и џентлмен, направи потег со кој ја воодушеви Шпанија (ФОТО)

Екипата на Барселона, синоќа не успеа да се врати по поразот од 4-0 против Атлетико во првиот натпревар, избраниците на Флик стигнаа само до 3-0 што не беше доволно за пласман во финалето.

Така, Атлетико сега ќе се бори за трофејот против победникот од баскиското дерби меѓу Реал Сосиедад и Атлетик Билбао.

По последниот судиски свиреж, фудбалерите на Атлетико го прославија пласманот во финалето, додека на спротивната страна владееше разочарување. Во морето од разочарани лица се истакна Рафиња, кој најпрво им аплаудираше на навивачите, а потоа, исцрпен и скршен од елиминацијата, седна на тревникот.

Токму во тие моменти следеше џентлменски потег на тренерот Диего Симеоне кој откако се поздрави со членовите на својот стручен штаб, се упати директно кон Рафиња. Го фати за раце, му упати неколку зборови на поддршка и го охрабри да стане.

Кратка сцена, но доволна да покаже дека фудбалот, покрај ривалството и страстите, знае да понуди и моменти на искрено почитување.