„Игрите не се само спорт, туку градење на вредности“: Настан со над 10 спортови за децата (ВИДЕО)

Меѓународната платформа „Спортски игри за млади“ стигна во Македонија, откако на 27 февруари беше потпишан договорот со кој почнува ново поглавје за младинскиот спорт во земјата.

„Спортските игри за млади“ нудат платформа каде младите можат да се натпреваруваат во 10 различни спортови и притоа да учат за важноста за физичката активност, соработката и фер-плејот.

Младите ќе може да се натпреваруваат во мал фудбал, одбојка, одбојка на песок, ракомет, кошарка 3х3, тенис, пинг-понг, шах, атлетика – трки на 60 метри и граница за момчиња и девојчиња.

Игрите ќе се одржат во април, мај и јуни 2026 година преку 18 спортски денови во кои ќе бидат вклучени училишта, но и локални заедници низ Македонија, а поддршка ќе дадат националните спортски федерации.

„Мене ми претставува огромна чест и задоволство што имаме можност да ги угостиме овие ѕвезди кои се дел од спортот. Благодарност до претседателот на игрите за можноста Македонија да биде дел од овој настап. Ние се обврзавме дека ќе бидеме сериозни поддржувачи на овој настан. Мислам дека сите овие деца кои ќе бидат на овој настан, ќе се стекнат со животни искуства кои ќе им бидат потребни за понатамошниот тек од нивното функционирање“, кажа министерот Борко Ристовски.