Каков Лаутаро: Димарко е најважниот во Интер, испишува историја во Серија А

Федерико Димарко е еден од најдобрите не само бекови, туку и фудбалери во италијанската Серија А во изминатите неколку години, а сезонава го игра својот најдобар фудбал и поместува граници.

Димарко постигна гол во вчерашната победа над Џенова што беше негов шести сезонава, а покрај тоа има и дури 15 асистенции во Серија А. Кога ќе се собере сè, со вкупно 21 гол и асистенција, Димарко е најефикасниот играч во целото италијанско првенство.

Зад него според вкупниот учинок се наоѓа Лаутаро Мартинез со 18 (14 гола и 4 асистенции), Нико Паз има 15 (9 гола и 6 асистенции), додека Кенан Јилдиз е на 12 (8 гола и 4 асистенции).

Димарко испиша и историја така што врза пет натпревари по ред со асистенција во Серија А, нешто што досега не му успеало на ниту еден бек откако се води статистиката.

Тој веќе го надмина својот учинок од минатата сезона кога во сите натпреварувања имаше 15 голови и асистенции. Во сезоната 2023/24 запиша 14 (6 гола и 8 асистенции), а во 2022/23 имаше 16 (6 гола и 10 асистенции).

Не треба да се заборави и дека има 28 години, а на лето влегува во последната година од договорот, па така сигурно за него ќе има голем интерес, меѓутоа и Интер ќе сака да го задржи во своите редови.