„Шпанската“ Македонија пресилна за Луксембург - првото место веќе е реалност (ФОТО)

Македонската кошаркарска репрезентација од денеска е осамена на првото место во својата група од претквалификациите за Европското првенство во 2029 година.

Во директниот дуел за челната позиција, нашиот национален тим го победи Луксембург со 79-70 и иако можеше да слави и поубедлива, сепак се чини дека ова е одлична залиха која би требало да гарантира пласман во следната фаза од претквалификациите. Под водство на новиот селектор Жосеп Марија Берокал, македонската репрезентација изгледаше мошне моќно, пред се во одбраната и заслужено дојде до убедливиот триумф.

Луксембург парираше во првата половина од воведната четвртина кога го имаше и единственото водство (11-10), но се потоа беше во знакот на нашата репрезентација. Со серија од 7-0 отидовме на 17-11, на крајот од првата четвртина беше 25-17, а на стартот од вториот период првпат имавме двоцифрена предност (27-17).

Највисоката предност во првото полувреме изнесуваше 14 разлика (38-24), но во третиот период Македонија отиде и на +20 (54-34). Потоа дојде до мал пад во играта, Луксембург го искористи тоа за со серија од 13-2 да се доближи на само девет поени негатива (47-56), но нашите кошаркарин во последниот квартал повторно се оддалечи на пристојна позитива (71-55) што се покажа доволно за убедлива победа.

Андреј Јакимовски беше наш најефикасен кошаркар со 17 поени, Ефремовски погоди четири тројки и заврши со 13 поени, но најдобар на мечот беше Итан Хап кој реализира 15 поени и 14 скока за индекс 30.

Својот следен натпревар Македонија го игра в понеделник против Азербејџан во Баку и триумф на тој меч ќе не донесе на милиметри од пласман во следната фаза.