Перо Антиќ сака да го преземе Работнички, ама - навивачите не го сакаат!?

Поранешниот троен европски шампион, Перо Антиќ, се појавува како најсериозен кандидат за преземање на Работнички, дознаваме неофицијално, клуб кој минува низ една од најтешките кризи во својата историја, која кулминира со денешното соопштение од кошаркарите и стручниот штаб кои се заканија со бојкот на натпреварите бидејќи им се должат дури осум плати.

Тој, наводно, е предводник на една од трите групации што во моментов се борат за преземање на клубот. Довчерашен претседател на КФМ беше еден од ретките екс-кошаркари на Работнички од „помладата гарда“ на вчерашното отворање на салата во Градски парк, а градоначалникот на центар, Горан Герасимовски, постојано беше околу него, поради што може да се заклучи дека тој има најголеми шанси да го преземе клубот, ако воопшто дојде до тоа.

Проблемот е во тоа што, според нашите неофицијални информации, поголемиот дел од најверните навивачи на клубот се против неговото преземање на центарската гордост, што дефинитивно би бил голем проблем за остварување на оваа идеја. Една од причините за тоа е и фактот што Антиќ нема некоја емотивна поврзаност со клубот од „Градски парк“ иако кошарката ја научи во неговите младинските категории. Тој само една сезона мина во сениорскиот тим и си замина по ужасна кавга со тогашната управа, затоа што му бараше отштета за да потпише за грчки АЕК што беше негова желба. Крилниот центар тогаш доби исписница дури кога легнале парите на сметката на црвено-белите“, што беше причина во неколку наврати во тоа време да даде изјави во лоша конотација за Работнички. Втората причина, пак, е фактот што пред 15-тина година на прволигашки натпревар се појави во дрес на МЗТ Скопје и даде интервју во кое децидно кажа дека сака да се пензионира како играч на составот од Аеродром - најголемиот ривал на тимот во кој сега сака да влезе.

Целата оваа приказна доаѓа во момент кога Работнички тоне и надвор од теренот. Општина Центар, како целосен сопственик, во изминатиот период практично се повлече од активна улога, а кулминација на лошите односи беше отворањето на реновираната сала во Градски парк – настан на кој не се појавија играчите, но и многу други кои го заслужиле тоа. Тоа дополнително ја потврди нарушената комуникација меѓу градоначалникот Георгиевски и екипата, што може да има сериозни последици за опстанокот на клубот.

На спортски план, ситуацијата исто така не влева оптимизам. Работнички се наоѓа на осмото место на табелата во Суперлигата со 22 бодови, исто колку што имаат и Тиквеш и Феникс. Плејаутот е речиси извесен, а со оглед на тоа што сезонава од лигата испаѓаат три тима, борбата за опстанок станува исклучително тешка за некогашниот суверен во македонската кошарка.