Охрид го доби дербито со Работнички и го задржа првото место во Втората лига

Охрид продолжува да чекори кон остварување на своите амбиции во Втората македонска фудбалска лига. Лидерот го искористи домашниот терен и го совлада Работнички со минимални 1-0 во дербито на деветтото коло, со што направи важен чекор во трката за највисок пласман.

Херој на охриѓани беше Давид Матески, кој го постигна единствениот гол на средбата и ги предводеше домаќините до исклучително важни три бода пред своите навивачи на стадионот „Билјанини Извори“.

Ова беше директен дуел на екипите од врвот на табелата, па победата има дополнителна тежина за охриѓани. Работнички допатува со амбиција да го преземе лидерското место, но наместо тоа, се враќа во Скопје без бодови.

Од останатите натпревари од деветтото коло, Пелистер без проблеми го совлада локалниот ривал Новаци со 2-0, додека изненадување направи Осогово кој на домашен терен ја победи Брера со 3-1. 

Со денешниот триумф Охрид стигна до 22 бода и ја задржа првата позиција, со еден бод повеќе од Пелистер и четири пред Работнички. Сепак, скопскиот клуб има натпревар помалку, што остава простор за дополнителни промени во горниот дел од табелата.

РЕЗУЛТАТИ:
Беласица - Македонија ЃП 1-1
Детонит - Еуромилк 0-0
Кожуф - Тетекс 2-2
Новаци - Пелистер 0-2
Охрид - Работнички 1-0
Осогово - Брера 3-1
Шкупи - Камјани 0-2