Сомнежите се шират: Дали истрагата за Башкими води и кон врвот на Шкендија?

По објавувањето на документите поврзани со истрагата за сомнителни натпревари во МФЛ, вниманието на јавноста не е насочено само кон спортскиот директор на Башкими, Бурак Хида, туку и кон претседателот на Шкендија, Љуљзим Имери, особено во контекст на натпреварот меѓу двата клуба кој е дел од предметот.

Во дел од документите се споменуваат блиски семејни односи меѓу лица од Австрија и раководни структури поврзани со клубот од Куманово, а тие лица се доведуваат во корелација со уплати во обложувалници во периодот кога се играле спорните натпревари.

Ова неизбежно отвора прашање дали постоела каква било комуникација или координација и со раководството на клубот од Тетово, односно со претседателот Љуљзим Имери.

Каква е релацијата меѓу претседателот на Шкендија, Имери и директорот на Башкими? Дали постои деловна или друга поврзаност меѓу нив? Дали имало контакти пред, за време или по натпреварот што е предмет на истрагата? Дали пред самиот натпревар комуницирале во врска со неговиот исход? И дали надлежните органи ги испитуваат сите можни врски и комуникации меѓу двете страни?

Во ваков чувствителен момент, кога интегритетот на натпреварувањето е ставен под лупа, транспарентноста е клучна.

Јавноста очекува јасни одговори, темелна истрага и недвосмислена разрешница, без оглед на функцијата или позицијата на поединците кои се споменуваат во контекст на случајот. Периодот што следи треба да донесе многу разрешници, но и одговорност таму каде што таа ќе биде утврдена.

Фото: Shkendija KF/Facebook