Легендите и идните ѕвезди на Работнички први ја сефтосаа „новата“ сала во Парк (ФОТО)
Горан Герасимовски, градоначалникот на општина Центар која е сопственик на клубот, преку социјалните мрежи се пофали со „новиот“ храм на кошарката, кој на прв поглед изгледа исто како и претходно, но искречен, офарбан и со солидно намален капацитет. Ова е поради желбата да се исполнат стандардите на модерната кошарка наметнати од ФИБА, кои прашање е само дали се исполнети. Ова особено се однесува на делот на записничката маса, која треба да е најмалку два метри оддалечена од аут-линијата, што според фотографиите во најмала рака е спорно.

„Со обновена инфраструктура по стандарди на ФИБА, нов паркет со подно греење, нови седишта на трибините, современо осветлување, семафори, кошеви, модерни соблекувални и тоалети, административни простории и енергетски ефикасна фасада, салата доби европски лик и услови за врвни натпревари. Ова не е само инвестиција во спортски објект, ова е инвестиција во нашите деца, во младите, во идните шампиони“, напиша меѓу другото Герасимовски.
Меѓу легендите кои добија признание „Феникс“, птицата што се раѓа од пепел, како знак на обнова истрајност и нов почеток, а која е симбол на Општина Центар, беа имиња како поранешниот легендарен тренер и играч на клубот, Стерија Андоновски, како и Драган Радосављевиќ, Тихо Матевски, Томче Димишковски, Лазар Гечевски, Рики Ѓорчевски, Миро Крстевски и Перо Антиќ и покрај тоа што само една година настапуваше за Работнички.
Официјалното отворање на новиот „Градски парк“, пак, е планиран за в петок со натпреварот на репрезентацијата на Македонија против Луксембург (18 часот) во склоп на претквалификациите за пласман на ЕП 2029.


