Пелистер им се враќа на обврските во ЛШ, во Битола гостува Висла!

По повеќе од два месеци пауза, Пелистер повторно има меч во Лигата на шампионите, во салата „Боро Чурлевски“ во Битола зелено-белите ја пречекуваат екипата на Висла Плоцк.

Пелистер е во серија од три порази по ред и со мали шанси да стигне до шестата позиција која води во нокаут фазата од Лигата на шампионите.

Во последниот натпревар од 11. коло во групата Б, Пелистер ќе се обиде да дојде до третиот триумф, но Висла Плоцк е силен противник кој веројатно веќе ги вкалкулирал бодовите од Битола.

Ова ќе биде и прв меч на битолските ракометари во ЛШ оваа сезона под водство на Стевче Алушовски кој неодамна го презеде кормилото.

Тој го одбра составот за денешниот натпревар, се одлучи да ги земе тројцата голмани Брестовац, Митревски и Хеидарирад. На трибините ќе останат младите средни бекови Ален Хаџиќ и Мирче Калајџиовски.

Натпреварот почнува од 20:45 часот.