Некогаш Серија А беше страв и трепет, сега е пред историско фијаско

Кон крајот на минатиот и првата деценија од овој век, италијанското првенство беше убедливо најквалитетно од Европа, речиси сите светски суперѕвезди играа во Серија А, а сето тоа се рефлектираше и на европските купови каде доминираа екипите од Апенините.

Во 90. години, во седум од десетте финалиња во Лигата на шампионите учествуваа италијански екипи, во 2003 година имаше италијанско финале (Милан-Јувентус), а потоа Милан и Интер уште по еднаш триумфираа во елитното натпреварување. И во 2010 година заврши се, дури 16 години екипите од Серија А чекаат триумф во Лигата на шампионите, а по се изгледа дека ќе почекаат уште малку.

Постои реална опасност Италија да остане без тим во осминафиналето бидејќи сите три екипи од оваа земја, доживеаја убедливи порази во првиот меч од плејофот. Наполи веќе испадна во лигашкиот дел, а Јувентус, Интер и Аталанта на домашен терен ќе бркаат голема негатива против Галатасарај, Бодо и Баер Леверкузен. Само Интер има реално изгледи да направи пресврт, но ќе му треба многу труд за да го оствари тоа.

Од воведувањето на осминафинале во Лигата на шампионите (2003/04), Италија секогаш имала барем еден претставник што значи дека евентуален неуспех на сите три екипи во реваншите, би значело дека Серија А првпат во историјата ќе остане без тим во нокаут фазата.