Азар: Веќе не се чувствувам како фудбалер - денес сум таксист!

Поминаа речиси три години откако Белгиецот Еден Хазар, по турбулентната епизода во Реал Мадрид обележана со бројни повреди, одлучи да стави крај на својата блескава кариера. 

Денес, како што вели самиот, повеќе се чувствува како таксист отколку како фудбалер.

„Мојот живот е прилично едноставен. Татко сум на пет деца, во моментов сум повеќе таксист отколку фудбалер, но тоа е во ред. Одлуката ја донесов поради семејството, децата, времето и храната. Животот минува навистина брзо, особено во фудбалот. Вчера имав 19 години, а денес имам 35. Треба да се ужива во животот, не само во фудбалот, туку во сè“, изјави Азар во интервју за „Гардијан“.

Во разговорот се потсети и на една анегдота од периодот кога во Челси работеше под водство на Жозе Мурињо.

„Отидов во Лил да гледам натпревар и на враќање го изгубив пасошот. Задоцнив и пропуштив тренинг. На следниот меч ме исфрли од тимот и ми рече дека тоа е моја вина“, раска Белгиецот.

Азар се осврна и на најемотивните моменти од својата кариера, а посебно го издвои настапот на Светското првенство во 2018 година.

„Светското првенство во 2018 година беше неверојатно. Имав можност да играм со мојот брат. Да бидеш капитен на својата земја е нешто посебно. Чувствувавме дека Белгија во тие години беше неверојатна. Иако не ја освоивме титулата, денес многумина велат дека бевме подобар тим од Франција и тоа ме прави горд“, порача Азар.