КФМ првпат ќе организира младинско првенство во два града – Скопје и Гевгелија!

Македонија ќе биде домаќин на ЕП во кошарка за играчи до 16 години – Б дивизија, кое ќе се одржи од 5 до 16 август, а овој шампионат ќе биде историски бидејќи за првпат ќе се организира паралелно во два града – Скопје и Гевгелија.

Од КФМ информираат дека одлуката за организација во два различни центри е донесена со цел дополнителна промоција на кошарката и нејзино доближување до пошироката спортска јавност. Досега, вакви меѓународни натпреварувања традиционално се одржуваа исклучиво во главниот град. Со вклучувањето на Гевгелија како ко-домаќин, Федерацијата има за цел да ја прошири кошаркарската енергија и надвор од Скопје и да овозможи што поголем број граѓани да бидат дел од значаен европски спортски настан. Воедно, ова претставува можност Гевгелија да се претстави како сериозен спортски домаќин, со соодветна инфраструктура, организациски капацитет и препознатливо гостопримство.

Од Кошаркарската федерација изразуваат уверување дека Скопје и Гевгелија заеднички ќе придонесат за успешно и достоинствено организирање на шампионатот, во согласност со високите стандарди на европската кошарка.