Кошаркар на МЗТ се жали на расизам во Куманово: Ме нарекуваа црнчиште и мајмун (ФОТО)
Американецот Чарлс Гил денеска на социјалните мрежи изрази разочараност од односот на дел од кумановската публика кон него и неговите црномурести колеги, поради навредите што ги добиле на расна основа.
„Преку глава ми е од расизмот на средбите кои ги играме во Европа. Освојувањето на националниот Куп е 'кул', но не знам колку пати вечерва бев нарекуван црнчиште, мајмун или со некои други расистички прекари. Зарем е ова можно во 2026 година? И кога ќе се упатиш кон некој од нив да го соочиш, тие се повлекуваат. Кога веќе навредувате, застанете позади зборовите што ги кажувате“, напиша меѓу другото Гил по синоќешното финале.
Тој исто така бил изненаден од друга непријатност, за која не му се верувало дека може да се случи на спортски натпревар.
„Заборавив да го споменам дека бевме плукани за време на целиот натпревар. Се ова поради кошаркарски натпревар. Неверојатно!“, додава крилниот центар на аеродромци.
МЗТ Скопје во своите редови има четворица црномурести играчи, меѓу кои покрај Гил се Илајџа Мекејден, Мек Смит и Хуан Дејвис, додека во тимот на кумановци не настапува ниту еден кошаркар со друга боја на кожата.

