ОФМ ги одреди градовите-домаќини на средбите од Европската лига – мажи и жени!

Машката сениорска репрезентација на Македонија настапот во годинешното издание на Европската лига ќе го започне на домашен терен, откако ќе биде еден од домаќините на првите турнири во ова натпреварување и тоа во салата „Парк“ во Струмица (5 до 7 јуни).

Според официјалниот распоред, жолто-црвените турнирот ќе го отворат со дуел против Холандија на 5 јуни, во второто коло ќе бидат слободни, а на 7 јуни ќе се соочат со селекцијата на Луксембург. Струмица и натаму останува база на машката А репрезентација, како главна локација за подготовка и натпревари, како и во минатогодишното издание на Европската лига.

Домашен турнир ќе организира и женската репрезентација на Македонија. Во рамки на третиот натпреварувачки викенд од Европската лига, од 19 до 21 јуни, женската селекција во салата „Борис Трајковски“ во Скопје ќе игра против Хрватска и Словенија.

Од оваа година Европската лига добива дополнително значење, откако официјално ја презема улогата на квалификациски циклус за пласман на Европското првенство во 2028 година.