Македонија ЃП оди на триумф против Шкупи, Брера ја чека тешко гостување кај Арсими
Македонија ЃП има одлична можност да запише три важни бодови и да направи чекор напред кон бегство од опасната зона затоа што против себе го има Шкупи кој досега освои само еден бод.
Шкупи во претходното коло доживеа тежок пораз од Тиквеш (0-6), но тренерот Алиса Виши кажа дека тимот од Чаир денеска ќе се бори до последен здив за да освои бодови.
„Работевме напорно цела недела и детално го анализиравме тимот на Македонија Ѓорче Петров. Свесни сме дека тие се фаворити и имаме максимален респект кон противникот, но нема да се предадеме. Ќе се бориме во текот на сите 90 минути, исто како што сме правеле и во минатото“, вели Виши.
Дуелот меѓу Македонија ЃП и Шкупи е закажан за денеска од 13 часот во Ѓорче Петров.
Брера Струмица и Арсими ќе се соочат во Гостивар во борба за нови бодови кои треба да им помогнат во битката за опстанок во елитата.
Фудбалерот на Арсими, Малиќ Бехлули кажа дека ќе направат сè за бодовите да останат во Гостивар.
„Станува збор за квалитетен противник, но екипата е максимално подготвена и фокусирана со јасна цел освојување на трите бода. По поразот од лидерот Вардар минатото коло, тимот направи детална анализа и во текот на неделата посветено работеше на корекција на грешките. Тој натпревар е оставен зад нас и служи како дополнителен мотив за подобро издание.
Против гостите, тимот ќе се бори до последниот судиски свиреж за дресот, за клубот и за поддршката од навивачите. Целта е јасна победа и задржување на бодовите на домашен терен“, кажа Бехлули.
Натпреварот меѓу Арсими и Брера се игра од 14 часот на стадионот во Гостивар.