На Македонија ЃП добро ѝ дојде Шкупи за да ја прекине црната низа без победа!
„Лавовите“ ја оправдаа фаворитската улога против распаднатиот фенерџија и со важни три бода направија значаен чекор во борбата за опстанок, каде што конкуренцијата е жестока. Шкупи, пак, останува без победа и по 18 одиграни кола, со никакви шанси за спас. Домаќините ја решија работата уште во првото полувреме. Хамза Малиќ го отвори резултатот во 11. минута, а само неколку минути подоцна Гереро мајсторски го лобуваше противничкиот голман по убава тимска акција. Точка на одличното полувреме стави младиот Софијаноски, кој во 29. минута постигна атрактивен гол со силен удар од дваесетина метри.
Во вториот дел темпото опадна, а Македонија ЃП рутински ја сочува предноста. Шанси имаа нововлезените Галевски и Лазаревиќ, но голманот Малиќ беше сигурен. Имаше и поништен гол на домаќините по акција на Гереро и Еступијан, поради офсајд.
Ова беше и прва победа за новиот тренер Боби Божиновски на клупата на Македонија ЃП. „Лавовите“ сега се на деветтата позиција со 21 бод, колку што има и Пелистер со натпревар помалку.