Партизан го продава плејмејкерот во НБА за отштета од – два милиони долари!?

Изненадувачка вест доаѓа денеска од таборот на Партизан, откако е најавено заминување на американскиот плејмејкер, Камерон Пејн, кој се враќа во НБА лигата.

Според српските медиуми, искусниот бек кариерата ќе ја продолжи во дресот на Филаделфија севентисиксерс, а црно-белите од овој трансфер ќе инкасираат 1,75 милиони доларина име обештетување - значајна финансиска инјекција за клубот, но и сериозен удар за ростерот во клучен дел од сезоната.

Пејн пристигна во Партизан кон крајот на декември и за само два месеци се наметна како еден од поважните играчи во тимот. Поради повреда ги пропушти последните три натпревари во Евролигата и АБА лигата, а според сè изгледа дека дуелот против Панатинаикос бил негов последен настап во црно-белиот дрес.

Заминувањето на Американецот доаѓа во незгоден момент за Партизан, со оглед што тимот веќе остана без Дилан Осетковски, кој поради суспензија за користење забранети супстанци нема да може да настапува до крајот на 2026 година. Во Евролигата шансите за пласман во плеј-ин се сведени на минимум, додека во АБА лигата екипата ја отвори втората фаза со победа над Будуќност.