Брера изненади во Гостивар – освои три златни бода против Арсими
Струмичани одиграа дисциплинирано и трпеливо, искористија две клучни ситуации и заслужено го однесоа целиот плен, додека Арсими го запиша вториот пораз во вториот натпревар од пролетниот дел, со што дополнително си ја искомплицира ситуацијата во борбата за директен опстанок. Гостите до водство стигнаа во 23. минута, кога Петровиќ се проби по левата страна и со прецизен удар го совлада голманот Иљази.
Во продолжението, Арсими имаше повеќе од играта и создаде неколку зрели шанси, особено во финишот. Најголемата ја пропушти Ремзифаик Селмани, кој од непосредна близина со глава го префрли голот, а потоа и Цуцули не успеа да донесе израмнување. Казната стигна во самиот финиш. Откако домашните целосно се отворија во обид да стигнат до бод, Брера изведе брз противнапад, а Стојанов со убав удар ги постави конечните 2-0.
Брера во моментов скокна до петтата позиција на табелата со 23 бодови, додека Арсими е седми со еден бод помалку.