Преживеа семејна трагедија, го победи ракот, па заблеска на мразот на ЗОИ (ВИДЕО)

Канадскиот пар Пајпер Жил и Пол Поарие со фантастичен настап во ритмички танц на Зимските олимписки игри (ЗОИ) ги воодушевија љубителите на уметничкото лизгање.

Посебно внимание привлече генијалниот потег на 34-годишната Пајпер, со што канадскиот пар избегна казнени поени и остана во борбата за бронза.

За време на настапот, парче ткаенина од костимот на Пол се откачи и се залепи за нејзината облека, а според правилата доколку било кој дел од опремата заврши на мразот, тогаш натпреварувачите добиваат казнени поени.

Сепак, следеше неверојатна импровизација на Канаѓанката, која маестрално реагираше и во финалниот дел успеа да избегне казнен поен.

Пајпер меѓутоа има тешка животна приказна, односно во 2022 година водеше битка за животот, откако ѝ беше пронајден тумор на јајник, па мораше да оди на итна операција. Сепак, тука не беше решен проблемот затоа што потоа следеше и серија на хемотерапии.

Неколку години претходно доживеа и семејна трагедија, кога нејзината мајка почина од агресивен облик на рак на мозокот.