Шошкиќ уште еднаш ги „кинеше мрежички“, ама не можеше - сам против сите (ВИДЕО)

Македонскиот репрезентативец, Андреј Шошкиќ, продолжува со одличните партии во НЦАА, откако одигра уште еден меч со двоцифрен поентерски учинок, иако неговиот Стони Брук доживеа минимален пораз во пресметката против Монмаут (75-76).

Нашиот плејмејкер на домашен терен постигна 18 поени, што е негов шести натпревар по ред со најмалку 10 поени, а вкупно 11-ти ваков меч сезонава. Сепак, поразот ја прекина победничката серија од пет натпревари, прва таква во историјата на машкиот кошаркарски тим на овој универзитет. Шошкиќ одигра феноменално второ полувреме, во кое ги постигна сите 18 поени, а дури десет реализираше во последните две минути, држејќи ги популарните „Сивулфс“ во игра до самиот крај.

Шошкиќ погоди четири тројки од шест обиди, а иако настапува на плејмејкерската позиција, додаде и седум скока – уште еден доказ за неговиот комплетен придонес на паркетот. Со овој пораз, Стони Брук ја испушти можноста да остане во трката за второто место во конференцијата, но до крајот на регуларниот дел од сезоната остануваат уште седум натпревари. Првиот следува веќе утре, повторно пред домашната публика.